Репрезентацијата на Англија славеше со 1:2 на гостувањето кај Италија во дербито на стартот од квалификациите за пласман на Европското првенство што во 2024 година ќе се одржи во Германија.
Ова е прва победа за Англија како гостин во дуелите со Италија речиси по 62 години. Последен пат Гордиот Албион славел против Аѕурите на Апенинскиот Полуостров во 1961 година, и тоа со 3:2. Ова воедно беше и прв пораз на Италија по 40 натпревари на домашен терен во квалификации за Европски првенства.
Победата на стадионот „Диего Марадона“ ја најави Деклан Рајс со голот во 13-тата минута, а во 44-тата минута Хари Кејн беше сигурен реализатор на пеналот, со што стана најдобар стрелец во историјата на англиската репрезентација. Ова беше 54-ти гол за Кејн во дресот на Гордиот Албион, со кој го престигна Вејн Руни.
Аѕурите во второто полувреме тргнаа на сè или ништо, успеаја да постигнат гол со Матео Ретеги во 56-тата минута, но не успеаја да се спасат од пораз иако од 80-тата минута играа со играч повеќе по исклучувањето на Лук Шоу.
Кристијано Роналдо со два гола го прослави соборувањето на рекордот по бројот на настапи за репрезентација. Во 197-миот натпревар за Португалија, Роналдо постигна два гола во триумфот од 4:0 над Лихтенштајн. Останатите два гола ги постигнаа Жоао Кансело и Бернардо Силва.
Сигурен старт во квалификациите за ЕП 2024 имаше и селекцијата на Босна и Херцеговина, која со 3:0 го совлада Исланд. Два гола даде Раде Круниќ, додека конечниот резултат го постави Амар Дедиќ. Данска во скандинавската пресметка славеше со 3:1 над Финска, Северна Ирска беше подобра од Сан Марино, а Словачка непријатно изненади играјќи без голови против Луксембург.
Резултати:
Група Ц
Италија – Англија 1:2
МАКЕДОНИЈА -Малта 2:1
Група Х
Казахстан – Словенија 1:2
Данска – Финска 3:1
Сан Марино -Северна Ирска 0:2
Група Ј
БиХ – Исланд 3:0
Словачка – Луксембург 0:0
Португалија – Лихтенштајн 4:0