Астон вила со убедливи 6:1 го совлада Брајтон во првиот натпревар од седмото коло во Премиер лигата. Иако засилувањето на Брајтон од Барселона, Ансу Фати, го постигна првиот гол во Премиер лигата, херој на натпреварот беше напаѓачот на Астон вила, Оли Воткинс кој постигна хет-трик.
Токму Воткис во првите 21 минута, постигна два гола со кои ја најави победата.
Првиот гол го постигна во 14-та минута со што на најдобар можен начин ја круниса одличната акција на неговите соиграчи.
Во 21-та минута, по грешката на дефанзивците на Брајтон, Воткинс го зголеми водството.
До крајот на првото полувреме, Астон вила веќе ги впиша бодовите на своето салдо бидејќи Еступињан со постигна автогол во 26-та минута.
На стартот од второто полувреме, Роберто де Зерби му даде шанса на Ансу Фати, кој по само четири минути игра го постигна првиот гол во Премиер лигата и намали на 3:1.
Сите дилеми околу победникот ги разреши најдобриот играч на натпреварот, Оли Воткинс, кој во 65-та минута зголеми на 4:1.
Астон вила во финишот постигна уште два гола за убедливи 6:1 и тоа преку Џејкоб Рамзи и Даглас Луис.