Македонската фудбалска репрезентација во комбиниран состав и без грото стандардни репрезентативци загуби со 0:1 на пријателски меч против Саудиска Арабија во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати.
Салех Калид Ал Шехри погоди во 85. минута за победа на популарните Зелени Соколи, доволно за победа на селекцијата која ќе игра на Мундијалот во Катар во ноември и декември.
Со неколку активни и потенцијални репрезентативци и со уште неколку што подолг период не беа повикувани, а сега настапија за А селекцијата, Македонија одигра егал пријателски меч против репрезентација што ќе игра на СП, но не успеа да издржи до крај.
Македонија имаше шанса да израмни на 1:1 во 90. минута, но во иста акција не беше досуден пенал и по фаул над Влатко Стојановски, а потоа ударот на Трапановски еден од репрезентативците на Саудиска Арабија го спречи со рака, топката да не влезе во мрежата.
Селекторот Благоја Милевски им даде шанса на 20-на играчи да настапат денеска, а сите одиграа солиден меч, но повторно со пораз.
Саудиска Арабија на Мундијалот во Катар ќе игра во Ц групата заедно со Аргентина, Мексико и Полска.