Реал Мадрид покажа зошто е 15-кратен европски првак откако одигра фантастичен меч против Манчестер сити и победи со убедливи 3:0 во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите. Пред мечот, гостите од Манчестер ја имаа улогата на фаворити, но на теренот Кралскиот клуб покажа фантастична игра и на крајот сосема заслужено победи со 3:0.
Сите три гола Реал ги даде во првото полувреме, а потоа шпанскиот гигант рутински одработи во вториот дел, па на гостувањето во Манчестер следната недела ќе патува со одлична залиха.
Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, беше презадоволен од победата, но секако дека е внимателен и потенцира дека следува и реванш-средба.
„Ова е подобро отколку што очекувавме. Среќен сум што публиката на „Сантијаго Бернабеу“ уживаше, а играчите заслужија таква поддршка. Докажавме дека ние сме Реал Мадрид и дека никогаш не смее да нѐ сметаат за мртви или предадени. Добро знаевме како игра Сити, како игра Пеп, што секогаш бара, ги затворивме линиите на простор, на додавања. Ова е само прв дел од двомечот. Сега следува гостување во Англија. Знаеме што нè чека во Манчестер и го знаеме тимот што го има Сити и колку е брилијантен Пеп како тренер“, по мечот задоволно коментираше тренерот на Реал Мадрид.

