Алфонс Ареола ја продолжи соработката со ПСЖ потпишувајќи четиригодишен договор, кој ќе важи до 2023 година. Францускиот чувар на мрежата му останува верен на својот матичен клуб иако сезонава има огромна конкуренција меѓу диреците, откако пред стартот на сезоната пристигна искусниот Џанлуиџи Буфон.
Јасно е дека ПСЖ во него гледа долгорочно решение за чувар на голот, со оглед на тоа дека има 25 години, а воедно е и репрезентативец на „триколорите“.
„За мене е многу важно што ќе ја продолжам мојата кариера во ПСЖ. Овој клуб ми овозможи да напредувам, а воедно ми укажа доверба да ги бранам нивните бои. ПСЖ не е само мој матичен клуб, туку е и клуб којшто го сакам. Тука пораснав и се надевам на уште долги години соработка“, истакна Ареола за официјалната веб-страница на ПСЖ.
Сезонава настапи вкупно на 13 средби во сите натпреварувања, додека своето деби за Франција го запиша во септември годинава, во рамките од мечевите во Лигата на нации. Иако беше дел од шампионскиот тим на Мундијалот, Ареола не доби шанса да брани во Русија бидејќи првиот избор на Дешамп е Уго Љорис, кој воедно е и капитен на „триколорите“.