Аргентина дефинитивно без Икарди на Копа Америка

Лионел Меси и Серхио Агуеро ќе го предводат нападот на репрезентацијата на Аргентина за претстојната Копа Америка, а во составот на „гаучосите“ немаше место за Мауро Икарди. Екскапитенот на Интер го нема на листата од 23-ца фудбалери кои ќе се обидат на Аргентина да ѝ го донесат трофејот кој го чека од 1993 година.

Икарди долго отсуствуваше од терените и тоа е главна причина што нема да биде во тимот. Селекторот Лионел Скалони рече дека никому не му ја затвора вратата, но невозможно било да ги повика сите за првенството кое почнува на 14 јуни.

Меси ќе го има деветтиот голем турнир во дресот на националниот тим и ја брка првата титула. Но, нема да биде едноставно, Копа Америка се игра во Бразил, па улогата прв фаворит ја имаат „кариоките“. Меси викендов со Барселона треба да игра во финалето од Купот на Шпанија, а потоа ќе замине во Буенос Аирес и ќе ѝ се приклучи на репрезентацијата.

Во составот на Аргентина го нема ниту Гонзало Игуаин. Напаѓачкиот ред ќе го сочинуваат Агуеро, Анхел ди Марија, Пауло Дибала, Лаутаро Мартинес, Меси и Матијас Суарес.

 

- Оглас -

Најнови вести