Аргентина ја преслуша и Франција за финале против Шпанија

Аргентина продолжи со прекрасни настапи на Мундијалот во Кина и со елиминација на европските фаворити, а денеска во второто полуфинале ја декласира Франција со 80:66.

Предводени од неверојатниот Луси Скола, кој постигна 28 поени и имаше 13 скока, Аргентинците постојано го контролираа темпото на мечот што одлучуваше за вториот финалист и репрезентацијата што ќе игра за злато против Шпанија.

Скола има 40 години, но сè уште игра врвна кошарка, а тоа повторно го потврди и денеска во „Кадилак арената“ во Пекинг. И ги надмудри и ги натскока ривалите, особено центарот на Франција од НБА-лигата, Руди Гобер.

Очекувано високо темпо наметна и еден од најдобрите плејмејкери на шампионатот Факундо Кампацо, кој постигна 12 поени и имаше 7 скока и шест асистенции, а својата препознатлива ролја си ја одиграа и Габриел Дек со 13 поени и Лука Вилдоза со 10 поени.

Аргентина ги доби сите четири четвртини и по третпат ќе игра за златен медал, откако беше најдобра селекција на првиот Мундијал во 1950 година, а загуби во драматичното финале во Индијанаполис од Југославија со 84:77 по продолженија во 2002 година.

Французите повторно не успеаја да се пробијат до завршниот меч за титулата, а денеска одиграа скромно. Фурние и Нтиликина постигнаа по 16 поени, а со двоцифрен учинок беше уште само Де Коло со 11 поени, недоволно да се победи моќната Аргентина.

 

- Оглас -

Најнови вести