Репрезентацијата на Аргентина со 1:0 победи на гости кај Уругвај во меч од 13. коло од квалификациите на Јужна Америка, за пласман на Светското првенство 2026 година. Со овој триумф, Гаучосите стигнаа до 28 бодови и тоа веќе е доволно да бидат сигурни дека обезбедија пласман на завршницата на планетарниот собир кој ќе се игра следната година.
Аргентина е петата селекција која ќе игра на следниот Мундијал. Домаќините САД, Канада и Мексико имаа директен пласман на завршницата, а пред Аргентина единствено Јапонија го визираше местото меѓу најдобрите.
На гостувањето кај Уругвај, Аргентина играше ослабена, без неколку големи ѕвезди, но повоторно победи во Монтевидео. Во отсуство на голгетерите Лионел Меси, Лаутаро Мартинез, Пауло Дибала, Аргентина се радуваше благодарение на погодокот на Тијаго Алмада. Напаѓачот на Лион погоди во 68 минута и тој погодок беше доволен за три бода за гостите.
Аргентина сега има 28 бодови, дури 15 повеќе од седмопласираната Боливија. Од јужноамериканските квалификации првите шест селекции директно одат на СП 2026, а седмата игра бараж. До крајот на квалификациите има уште пет кола.