Арина Сабаленка ја доби драмата и го освои САД опен првпат во кариерата

Белоруската тенисерка, Арина Сабаленка, првпат во кариерата дојде до трофејот од САД опен, откако во финалето во Њујорк ја совлада домашната натпреварувачка, Џесика Пегула, со 2-0. За Сабаленка ова е трет грен-слем трофеј во кариерата, откако претходно освои два на Австралија опен, од кој еден беше оваа година.

Двата сета во Њујорк беа крајно неизвесни и завршија со идентични 7-5 во корист на белоруската тенисерка. Во првиот сет Сабаленка имаше водство од 5-2 и се чинеше дека лесно ќе поведе, но Пегула израмни на 5-5. Следуваа пет гејма во корист на Сабаленка, најпрво за 7-5 во првиот сет, а потоа и за водство од 3-0 во вториот.

Американката возврати во иста мера, па ги освои наредните пет гејма за пресврт и водство од 5-3. Кога сите мислеа дека ќе се игра трет сет, белорусинката направи серија од четири гејма и дојде до победата од 7-5.

За Пегула ова беше прво финале на грен-слем турнир, откако никогаш претходно немаше стигнато подалеку од четвртфинале.

- Оглас -

Најнови вести