„Армејците“ го испија Ефес и по осми пат станаа европски шампиони!

Осмата континентална титула за ЦСКА Москва е освоена вечерва, во шпанскиот град Виторија, благодарение на Корис Хигинс и Вил Клајбурн, кои со по 20 поени и Нандо Де Коло со 15 беа предводници во победата во финалето на Евролигата против Анадолу Ефес од 91-83.

ЦСКА го играше своето 14-то финале, а половина од тие финалиња им се од 2006 наваму. ЦСКА ги доби сите три пресметки против Ефес сезонава. „Пиварите“ од 2013 година не знаат за триумф над „армејците“, па таа црна серија продолжи и вечерва во Виторија.

Кајл Хајнс дојде до својата четврта европска титула, нешто што не го направил никој во последната декада.

Ефес го играше првото финале и имаше можност својата сезона од соништата да ја круниса со пехар, но не успеа. Во минатата сезона „пиварите“ беа последни на табелата во Евролигата и ова финале е само доказ колку напредуваа за една година. Тренерот Ергин Атаман пропушти прилика да освои четири големи различни европски натпреварувања. Шејн Ларкин даде 29 поени, но недоволно за нова сензација.

 

- Оглас -

Најнови вести