Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, го изнесе својот став за вториот жолт картон што го доби Деклан Рајс на почетокот од второто полувреме во натпреварот против Брајтон. Според Шпанецот, повторно нема конзистентност во ваквите одлуки, бидејќи во првото полувреме гостите неколкупати ја шутирале топката за да го одложат продолжувањето на играта. Тоа беше и официјалното објаснување за вториот жолт картон на Рајс.
Дополнително, Артета смета дека ако судиите одлучиле да го исклучат англискиот репрезентативец, тогаш истата судбина требало да ја има и Џоел Велтман, кој го удрил во истата ситуација.
„Го започнавме натпреварот добро. Постигнавме гол за 1-0, а потоа исто така добро го почнавме и второто полувреме. Меѓутоа, дојде таа одлука што целосно го промени натпреварот. Какво објаснување добивме? Никакво, како и секогаш“, потенцираше Артета.
Тој реагираше жестоко на судиската одлука која беше клучна за текот на натпреварот.
„Ако ваквите одлуки се донесуваат доследно низ текот на целиот натпревар, тогаш е во ред. Но, не беше така. Во првото полувреме имаше неколку случаи кога тие ја шутираа топката и не се случи ништо. Уште повеќе, ова се случи во зона која не беше критична. И, на крајот, ако донесете ваква одлука, тогаш треба да покажете и црвен картон на другата екипа. Ако ние требаше да играме со десет играчи, тогаш и тие требаше да играат со десетимина, бидејќи и Велтман требаше да добие црвен картон“, изјави Артета по ремито.