Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, верува дека претстојната сезона ќе понуди „најтешка борба за титулата“ што ја видел досега, бидејќи конкуренцијата во Премиер лигата достигнала невидено ниво.
Шпанецот ја започнува својата петта целосна сезона во клубот од северен Лондон и се надева дека ќе ја заврши 22-годишната пауза без шампионска титула, откако Топчиите завршија втори во последните три сезони.
Арсенал потроши околу 200 милиони фунти за шест нови засилувања ова лето, ривалите исто така не штедеа, Ливерпул и Челзи потрошија над 250 милиони фунти, додека Манчестер сити додаде нови играчи за 150 милиони фунти.
„Конкуренцијата во лигата е нешто што никогаш порано не сме го виделе. За да бидете шампиони, нивото што ќе биде потребно е повисоко од сè што сме искусиле досега“, изјави Артета.
Арсенал е тимот со најмногу вкупно бодови во Премиер лигата во последните три сезони, но никако да завршат први.
„Тоа значи дека правиме многу работи како што треба, но мора да најдеме начин да бидеме уште подобри и да ги освоиме потребните бодови за титула. Ѓокереш има квалитети што ги немавме во последните две сезони. Тој ќе им внесе страв на противниците и ќе донесе нова енергија во мојот тим“, коментираше Артета.
Арсенал веднаш ќе има сериозен тест, попладнево гостува кај Манчестер јунајтед.