Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, објасни што тргнало наопаку за неговиот тим во дербито против Манчестер јунајтед, кое Топчиите го загубија дома со 2-3. Шпанецот призна дека неговата екипа силно го започнала натпреварот, но грешките и падот во контролата на играта се покажале како клучни за конечниот исход.
„Во првите 30 минути доминиравме и играта се одвиваше во зоните во кои сакавме. Создадовме добри ситуации, постигнавме гол и пропуштивме уште две стопроцентни шанси“, изјави Артета.
„Но откако му подаривме гол на противникот, тие добија надеж и карактерот на натпреварот се промени. Секако, грешките се дел од фудбалот, но тоа беше гол каков што ретко примаме“, додаде менаџерот на Арсенал.
„Второто полувреме не се развиваше според нашиот план. Не успевавме да ја задржиме топката во одредени зони. Натпреварот стана поотворен и веќе немавме иста надмоќ како во првиот дел“, констатира Артета.
„Манчестер јунајтед постигна два прекрасни гола. Често во вакви натпревари најважни се индивидуалните квалитети и моментите на магија“, истакна стручњакот.
„Да, многу сум разочаран, но морам да преземам одговорност и да бидам блиску до играчите“, порача Микел Артета.

