Тренерот на Челзи, Енцо Мареска, пред мечот со Астана во Казахстан рече дека не е нормално да се патува осум часа со авион на некое гостување, и тоа во еден правец, а попладнево Сините се соочуваат со уште еден проблем, многу студеното време.
Кога почна средбата, температурата беше -9 степени целзиусови, а се очекува да падне и до минус 11.
Мечот се игра во градот Алмати, кој е околу 1.000 километри оддалечен од Астана бидејќи стадионот во главниот град се реновира.
Меѓу стартерите кај Астана е и 28-годишниот македонски фудбалер Алекса Амановиќ, кој во минатото играше за младите селекции на нашата земја.
Сепак, на Челзи како да не му пречи што е „кочан ладно“. По 19 минути води веќе со 2-0 и е на пат да остане со перфектен скор со Конференциската лига.