Англискиот премиерлигаш Астон вила ја разгледува можноста да достави понуда за сенегалскиот напаѓач на Челзи, Николас Џексон, по завршувањето на тековната сезона.
Во моментов Џексон настапува како позајмен играч во Баерн Минхен, но според информациите, баварскиот клуб одлучил да не го продолжи неговиот престој.
По завршувањето на позајмицата во Минхен, Џексон ќе се врати во Челзи, но стручниот штаб не смета сериозно на него за иднината на тимот. Поради тоа напаѓачот повторно ќе мора да бара нов клуб, а токму тука се отвора шансата за Астон вила, која е подготвена да започне преговори за постојан трансфер во текот на летото.
Николас Џексон се приклучи на Челзи во 2023 година од Виљареал за сума од 37 милиони евра, но не успеа да се наметне како редовен стартер. Во текот на целиот престој во клубот одигра 81 натпревар, постигнувајќи 30 гола и 12 асистенции.

