Резултатот од 1-1 со кој заврши дуелот на младинските селекции на Израел и Македонија, значеше дека и едните и другите ги губат шансите за пласман на ЕП 2022, па од оваа квалификациска група, на континенталниот шампионат ќе оди само лидерот Шпанија.
Израелците поведоа многу рано, после само 16 секунди игра. Тој иницијален шок за У-21 селекцијата предводена од селекторот Благоја Милевски беше амортизиран во второто полувреме. Најпрвин Македонија се избори за пенал кој не го искористи Дарко Чурлинов, а потоа во 76-та минута Јани Атанасов погоди за 1-1. Атанасов со гол во финишот, беше човекот кој и во Скопје спречи триумф на Израел.
Младата селекција на Македонија е втора со 15 бода, останува да се одигра уште еден меч со Црна Гора, но и да останеме втори, нема да имаме доволно бодови за место на ЕП.