Новак Ѓоковиќ ја оправда фаворитската улога на Австралијан опен, на доминантен начин, без загубен сет триумфираше во финалето против Стефанос Циципас, и по десетти пат во кариерата го освои Отвореното првенство на Австралија.
Сега Новак заслужено се враќа на првото место на АТП листата, а се изедначи со Рафаел Надал на вечната листа со по 22 грен-слем титули. Тоа што е Надал на „Ролан Гарос“, тоа е Ѓоковиќ во Австралија, неприкосновени кралеви на турнирите.
Ѓоковиќ нема загубено финале на Австралијан опен, а таа серија се знаеше дека ќе продолжи и денеска, откако го доби критичниот втор сет во кој Гркот имаше сет-топка.
Ѓоковиќ е 11 години и 82 дена постар од Циципас (најголема разлика меѓу двајца финалисти на Австралијан опен во историјата), ги искористи искуството и знаењето за да покаже кој е кој. Гркот имаше премногу грешки, ги губеше клучните поени, и во таква ситуација, невозможно е да се победи против најуспешниот тенисер во историјата.