Австријците се бунат: УЕФА исто ги третира сите, ќе бидеме во „балон“, не мора да се вакцинираме

Австриската фудбалска федерација, ОФБ, не им наложи стриктно на репрезентативците што ќе играат на Европското првенство да се вакцинираат, а причината ја објаснија едноставно.

„УЕФА исто ги третира и вакцинираните и тие што нема да примат вакцини, за сите е предвидено да бидат во таканаречениот балон за време на Европското првенство, па нема потреба тоа да биде задолжителна постапка. Оставивме на самите репрезентативци да одлучат дали ќе се вакцинираат“, изјавија од ОФБ.

За УЕФА е сеедно дали фудбалерите ќе бидат вакцинирани или не, барем според одлуката на Европската куќа на фудбалот. Со примена вакцина или не, за сите фудбалери што ќе играат на ЕП има строги протоколи и ќе биде забрането излегување од просторот на таканаречениот балон, освен за официјалните тренинзи, за натпреварите и евентуално за прес-конференциите.

Холанѓаните објавија дека шестмина нивни репрезентативци одбиле да се вакцинираат, а Матајс де Лихт и јавно објави дека нема да прими вакцина против ковид-19.

И во македонскиот табор ќе нема задолжителна вакцинација, која според протоколите на УЕФА не носи никаков бенефит, барем за мечевите на ЕП.

Македонија ќе го почне историскиот настап на прво големо натпреварување со мечот против Австрија на 13 јуни во Букурешт, а на истото место ќе играме и со Украина на 17 јуни.

Потоа се селиме во Амстердам, каде што ќе играме со Холандија на 21 јуни.

Веќе се објавени и условите за присуство на навивачите на трибините на националната арена во Букурешт, процедура што ќе важи и за македонските симпатизери на фудбалот што ќе одлучат да ги бодрат Горан Пандев и соиграчите на двата меча во главниот град на Романија.

 

- Оглас -

Најнови вести