Азар со трофеј си оди од Челзи, Македонија остана без златен медал, Англија без петто место во ЛШ

Челзи е новиот освојувач во Лигата на Европа. Во лондонскиот дуел одигран на „Олимпискиот стадион“ во Баку, Челзи со 4:1 го победи Арсенал. Интересно е што сите пет погодоци беа постигнати во второто полувреме.

Ревијата погодоци ја отвори Оливие Жиру во 48-мата минута. Некогашниот играч на Арсенал го совлада некогашниот голман на Челзи, а се радуваа „сините“. Точно по еден час игра во Баку, Челзи имаше предност од 2:0. Педро погоди, а испиша и една историја во европските натпреварувања.

Во последниот меч во дресот на Челзи не можеше, а да не погоди Еден Азар. Белгиецот кој треба да замине во Реал Мадрид даде два гола. Најпрво од пенал зголеми на 3:0, а потоа ја затресе мрежата на Арсенал и за 4:1, откако претходно трошка надеж за „топчиите“ даде Ивоби.

Победата на Челзи значи дека Арсенал извиси и нема да игра во Лигата на шампионите за следната сезона. Со поразот на Арсенал, Македонија испушти шанса да има свој играч меѓу шампионите. На клупата на „топчиите“ како трет голман беше Дини Илиев, кој мора да се задоволи со среброто.

Арсенал е првиот тим по Мидлсборо против Севилја во 2006 година кој во едно полувреме прими четири гола во финален меч. Челзи до трофејот стигна без ниту еден пораз. „Сините“ имаа 12 победи и три ремија сезонава во Лигата на Европа. Последен пат ваква непобедлива серија во една сезона имал Манчестер јунајтед во сезоната 2007/08.

- Оглас -

Најнови вести