Македонската фудбалска репрезентација попладнево заминува за Рига, Летонија, каде што задутре го игра мечот од третото коло од својата група во Лигата Ц од Лигата на нациите, а избраниците на Благоја Милевски веруваат дека може да ги добијат двата меча во овој октомвриски циклус.
„Сигурно правиме добри работи штом од фудбалскиот свет гледаат на нас како фаворити во оваа група, но треба да бидеме скромни и да продолжиме да се бориме за оваа шанса, да направиме нешто многу убаво. Нема да биде лесно особено што играме на гости, денеска сите земји го развиваат нивниот фудбал и тактичкото знаење. Немаме многу време за спремање, но ќе анализираме да ги најдеме слабите точки на противниците и да ги искористиме. Одиме да ги освоиме сите шест бода“, изјави Давид Бабунски.
И Јован Манев е со слични размислувања.
„Има разлика од меч до меч, но никогаш не потценуваме никого, во фудбалот е докажано дека не постојат фаворити. Се надевам дека играме максимално и ќе освоиме три бода во Летонија, а потоа ќе се посветиме на средбата со Ерменија. Нормално, очекуваме победа и верувам дека ќе го дадеме максимумот за да ја оствариме таа цел“, смета Манев.