Првиот човек на Баерн Минхен, Карл Хајнц-Румениге, на денешната пре-конференција во пресрет на подготовките на клубот посочи дека активно работи на нови засилувања. Румениге истакна дека клубот трпеливо чека да види што ќе се случи на трансфер-пазарот за да може и тие „да оперираат“.
Германскиот првак претходно ги претстави новите аквизиции во одбраната, Бенжамен Павар и Лукас Ернандес, но се очекува најмалку уште едно ново име меѓу Баварците. Познато е дека Баерн трага по замени за веќе „бившите“ Рибери и Робен, така што на врвот на листата со желби на тренерот Нико Ковач се Усман Дембеле и Лерој Сане.
„Работиме со полна пареа да го засилиме тимот. Знам дека навивачи се нетрпеливи, но во оваа работа треба време, а ние правиме сè што можеме да доведеме врвни фудбалери. Сè уште чекаме да се случи домино ефект, потоа ќе биде полесно“, вели Румениге.
Доколку Барселона ги реализира трансферите на Гриезман и Нејмар, Баварците ќе тргнат по Кутињо или, пак, Дембеле, но крилниот офанзивец на Манчестер сити и натаму е прва опција бидејќи Баерн и претходно преговараше за негов трансфер, но Граѓаните одбија.