Филипе Кутињо минатото лето пристигна во Баерн Минхен како позајмен играч од Барселона и тоа се покажа како одличен потег за него. Играчот за кого немаше место во каталонскиот тим, со Баерн успеа да ги освои сите најзначајни трофеи. Бразилецот се радуваше на титула во Бундеслигата, го освои Купот на Германија, а како шлаг на одличната сезона беше и трофејот во Лигата на шампионите.
Токму Баерн го нанесе најголемиот срам на Барселона во европските купови откако во четвртфиналето на ЛШ, германскиот гигант победи со неверојатни 8:2. Кутињо, кој влезе како резерва на овој меч, успеа да му даде два гола на својот тим кој реши да го даде на позајмица.
Бразилецот одигра одлична сезона во Баерн, но сепак не остана во Минхен само поради високата откупна клаузула која стои во договорот со Барселона. Германскиот гигант за Кутињо ќе требаше да плати над 100 милиони евра, сума која сепак е превисока.
Кутињо сега повторно е назад во Барселона, но прашање е дали повторно ќе остане на „Камп ноу“ или пак ќе биде даден на позајмица, ако се знае дека од Барселона си замина Иван Ракитиќ, а на излезна врата се и Лионел Меси, Луис Суарес, Артуро Видал, сигурно Бразилецот ќе биде од голема корист, но за тоа треба да реши новиот тренер Роналд Куман.
Од Баерн му се заблагодарија на Кутињо за сè што направи во дресот на Баерн Минхен.
Thanks for everything, @Phil_Coutinho 🙏
🔗 https://t.co/c9tLUYCeza#FCBayern #MiaSanMia
— CHAMPIONS OF EUROPE 🏆 (@FCBayernEN) September 2, 2020