Светското клупско првенство кое ФИФА традиционално го организира на крајот од годината, овојпат најверојатно нема да се одигра. Оваа разочарувачка вест ја најави претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино на 70-тиот годишен Конгрес на ФИФА.
Уште нема конечна одлука околу одложувањето на натпреварувањето на кое учествуваат континенталните прваци, но реална опција е да се одложи турнирот и тоа поради пандемијата со Коронавирусот. Со појавувањето на опасниот вирус, фудбалските натпреварувања низ целиот свет беа во прекин повеќе од три месеци и се помести календарот на натпреварувањата.
Најголем проблем има во Јужна Америка, каде со сигурност до јануари нема да биде познат новиот првак во Либертадорес Купот. Европа го доби новиот владетел, а тоа е Баерн Минхен, кој сигурно ќе беше и голем фаворит за светската клупска круна.
„Дискутиравме, дававме идеи за тоа како би можеле да го организираме турнирот во јануари во Катар. Нашиот план беше дури и да се игра турнир со 24 екипи, но пандемијата со Коронавирусот ја стопираше оваа идеја“, рече Инфантино, кој додаде дека може да се направи проблем и околу квалификациите за Светското првенство кое во 2022 година треба да се игра токму во Катар.