Баерн Минхен нема конкуренција: На четири кола пред крајот ја освои 35-тата титула во Бундеслигата (Видео)

Баерн Минхен и официјално е старо-нов шампион на Германија, откако пред својата публика го победи Штутгарт со 4-2 и сега има недостижни 15 бода пред Борусија Дортмунд на четири кола пред крајот на Бундеслигата.

За „баварците“ ова е 35-та титула во историјата, до која дојдоа со неверојатни бројки. Баерн има само еден првенствен пораз оваа сезона, постигнаа 109 гола, а примија само 29, по 30 првенствени кола. Нема сомнеж дека статистиката ќе биде и подобра, со оглед дека треба да се одиграат уште четири меча, кои нема да имаат резултатско значење.

Победата против Штутгарт беше најавена уште во првото полувреме, после кое Баерн Минхен имаше водство од 3-1 со головите на Гереиро, Џексон и Дејвис, но гостите први поведоа преку Фурих.

Четвртиот гол за „баварците“ беше дело на Хари Кејн, кој дојде до неговиот 32-ри првенствен погодок оваа сезона.

- Оглас -

Најнови вести