Извршниот директор на Баерн Минхен, Јан-Кристијан Дрезен, вели дека еден од главните приоритети на германскиот гигант е да се задржи Џамал Мусијала, и тоа до крајот на неговата кариера. Мусијала има само 20 години и пред три години дебитираше во дресот на Баерн Минхен, а сега веќе има 136 натпревари и 35 постигнати голови за германскиот гигант.
Актуелниот договор на Мусијала со Баерн е во 2026 година, но Дрезен вели дека планот е да се задржи „доживотно“.
„Џамал има договор со нас до 2026 година и многу добро знаеме дека има клубови кои би сакале да го видат во нивните редови. Би сакал да го имаме во нашиот тим што е можно подолго, максимално долго, до крајот на кариерата. Тој е неверојатен талент и сигурно уште повеќе ќе се подобрува.“, вели Дрезен.
Мусијала во младинските категории го носеше дресот на Англија, но кога дојде ред да заигра во сениорскиот состав, тој се реши Гордиот Албион да го замени со дресот на германската репрезентација. Првиот гол за националниот тим на Германија го постигна на гостувањето во Скопје, кога Панцерите славеа со 4:0 на 11 октомври пред две години.