2.6 C
Skopje
среда, 14 јануари 2026

Баерн му даде лажна надеж на Келн и потоа го суреди (Видео)

Баерн Минхен вечерва оствари победа на гости против Келн со 1-3 во натпревар од Бундеслигата, додека и Хофенхајм и Лајпциг забележаа убедливи триумфи.

Во Келн се играше доста возбудливо, особено кон крајот на првото полувреме. Во 41-та минута, по контра на домаќините, Луис Дијас ја изгуби топката, а Мајна тргна од своето поле, никој не го нападна и со силен удар од 20 метри ја затресе мрежата за водство на Келн.

Сепак, Баерн успеа да изедначи во последните моменти од првиот дел. Горецка покажа голема иницијатива, го проигра Олисе, кој го пронајде Гнабри, а со малку среќа, топката го мина голманот за 1-1.

На почетокот од второто полувреме, Келн имаше две солидни шанси преку Камински, но прво дефанзивецот Ким, а потоа и Нојер го сопреа ударот. Како што обично се случува кога се соочуваат со Баерн, казната не изостанува. Во 71-та минута, по одлична акција од корнер, Итo со глава ја врати топката до Ким, кој погоди за 1-2.

Сè беше решено во 84-та минута, кога Кејн испрати маестрална топка на левата страна, Дијас стигна до пенал зоната и асистираше до Карл Ленарт, кој постигна за конечни 1-3.

Во останатите два вечерашни меча, Хофенхајм ја декласира Борусија Менхенгладбах со 5-1, со хет-трик на Андреј Крамариќ, додека Лајпциг го совлада Фрајбург со 2-0.

- Оглас -

Најнови вести