Баерн најдоцна за три недели ќе ангажира нов тренер – Французин е фаворит

Раководството на Баерн Минхен нема да брза со доведување замена за отпуштениот Нико Ковач. Првиот човек Ули Хенес тврди дека најдоцна за три недели ќе се знае новиот предводник на Баварците, а во трка за кормилото на германскиот шампион се три познати имиња, но еден од нив е фаворит.

Наводно, Арсен Венгер има многу поголеми шанси да ја добие работата пред Жозе Мурињо и Макс Алегри, додека изминативе денови тројца други тренери јавно истакнаа дека не се заинтересирани за жешкото столче во Баерн. Негативен одговор добија од тренерот на Ајакс, Ерик тен Хаг, Томас Тухел од ПСЖ и Рафл Рангник, спортскиот директор на Лајпциг, кој до неодамна беше на клупата на Биковите.

Венгер вчера ги извршуваше обврските на аналитичар во „БеИн спортс“, ТВ-каналот кој ги пренесува натпреварите од ЛШ, а водителот му упати директно прашање дали би го водел Баерн, на што францускиот стратег избегна конкретен одговор.

„Дојдов тука да анализирам натпревари, а вие од старт ме турнавте во ќош, ми вршите притисок“, одговори Венгер.

Вечерва Баерн го пречекува Олимпијакос во рамките од четвртото коло во Лигата на шампионите. За тој дуел составот на Баварците ќе биде предводен од Ханси Флик, а истиот човек ќе биде на клупата на германскиот првак и во дербито на „Дер Класикер“ против Борусија Дортмунд идниот викенд.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести