Баерн Минхен утре ќе ја пречека Борусија Дортмунд во дербито на германското првенство. Популарното германско „Ел Класико“ може да реши дури и кој тим ќе ја освои титулата. По 27 коло, Борусија е лидер со 63 бодови, а Баерн има два помалку на втората позиција. Лајпциг кој е трет е со двоцифрено заостанување.
Кога игра на „Алијанц Арена“, Баерн секогаш ја има фаворитската улога. Баварскиот гигант покажал дека кога е најпотребно, знае да победи во Бундеслигата и на крајот да се радува на титулата. Сепак, постои еден мал проблем за Баерн. Играчите едноставно не знаат да постигнат гол од слободен удар.
Последен пат на погодок од слободен удар, Баерн се има израдувано во јануари 2018 година, кога Хамес Родригес погоди во дуелот со Баер Леверкузен. Од тој меч, до денес, Баерн одигра 43 средби и не погоди ниту еднаш директно од слободен удар. Ова е неверојатен податок, посебно за тим кој е актуелен шампион во Германија.