Баражот во Струмица и финалето на Купот покажаа дека навивачите и кај нас знаат да создадат фудбалски празници (Фото)

Со вчерашниот бараж меч за влез во Прва лига меѓу Вардар и Детонит Плачковица се спушти завесата за фубалската клупска сезона 2023/24. На стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, Вардар победи со 2:0 и опстана во елитната македонска лига.

Убаво беше да се види декорот на мечот кој беше многу значаен и решаваше кој ќе игра во Прва, а кој во Втора лига. Неколку илјади навивачи на Вардар направија фантастична атмосфера и на крајот се радуваа на победата.

Сепак не треба да се заборават и фановите на Плачковица кој истотата придонесоа за вистински фудбалски празник во Струмица. Навивачите од Радовиш беа „наоружани“ со македонски знамиња, а имаа и пиротехнички средства кои придонесоа за уште поубава атмосфера.

На крајот, Вардар победи, а сите кои беа на стадионот во еден глас ја пееја песната „Заветна“.

Дуелот во Струмица беше втор со само пет дена на кој можеше да се види одлична атмосфера на трибините во Македонија. Претходно, фудбалски празник беше и дуелот во финалето на Купот на Македонија кој се играше на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Тиквеш од Кавадарци и Воска спорт од Охрид прв пат играа во финале на Куп, а навивачите на двата тима покажаа како се бодри својот миленик.

Создадоа одлична атмосфера, а на крајот се радуваа оние кои беа помногуброни на трибината, фановите на Тиквеш кој славеше со 2:1. Оние кои навиваа за Воска, спортски го прифатија поразот.

Баражот во Струмица и финалето на Купот покажаа дека фудбалот се игра за навивачите и во иднина би посакале уште многу вакви натпревари на кои ќе има полни трибини и убава атмосфера.

 

- Оглас -

Најнови вести