Енис Барди навреме закрепна од корона-вирусот и се врати во македонската репрезентација во пресрет на премиерниот историски натпревар против Австрија на Европското првенство.
„Сакам да ја искористам оваа можност да им се заблагодарам на сите соиграчи, репрезентацијата и цела Федерација која стоеше зад мене во тешкиот период. Имаше страв дека можеби нема да играм, но тоа е зад мене. Се вратив во екипата, подготвен сум, во меѓувреме тренирав и индивидуално. Ја повратив и физичката форма и сметам дека сум комплетно спремен и физички и психички за првиот дуел против Австрија. Ова се натпревари кои се чекаат со нетрпение и мора да влеземе во него 100% подготвени. Настапот на младинското ЕП е незаборавно искуство, но не може да се спореди со сениорската репрезентација и овој успех. Сакам само да напоменам дека не сме тука случајно, ќе ја разбиеме аутсајдерската позиција и ќе докажеме дека во Македонија се игра квалитетен фудбал од каде што доаѓаат врвни фудбалери“, посочи Барди на прес-конференцијата.
Барди се заблагодари за поддршката и грижата околу него во периодот кога се справуваше со ковид-19, па кажа дека е максимално подготвен да му се стави на располагање на селекторот Ангеловски од самиот старт на првенството.
„Најпрво фала му на Господ што сум здрав и што ќе играм на Европското, а дали ќе играм од првата минута во дуелот против Австрија, е одлука на селекторот. Тој знае дека секогаш сум подготвен да дадам сè за тимот. Околу евентуалните резултати, одиме меч по меч и сакаме да оствариме што подобри резултати“, додаде Барди.