Барди: Покажавме дека можеме да освојуваме бодови против секој ривал

Леванте и по 11 кола останува без ниту една победа во шпанското првенство и е на претпоследната позиција на табелата само со шест бода. Сепак, дека Леванте е тим кој може да им парира и на најдобрите, покажа во мечот против актуелниот првак на Шпанија, Атлетико Мадрид. На свој терен, Леванте одигра 2:2, а двата погодоци ги постигна нашиот репрезентативец Енис Барди.

Леванте двапати беше во негатива против Атлетико, но Барди двапати, на идентичен начин, со удар од белата точка успеа да го совлада Јан Облак и да донесе бод на домаќините.

„Среќни сме што покажавме дека можеме да одиграме на високо ниво и дека против секој ривал може да освојуваме бодови. Горд сум на соиграчите, покажавме како се игра со срце за екипата. Овој бод ќе ја крене самодовербата кај сите нас. Најважно е да веруваме во себе и да веруваме дека по овој резултат, можеме да се кренеме во секој аспект од играта“, рече Барди по двата гола кои ги постигна синоќа во дуелот со актуелниот првак на Шпанија.

За Барди ова беа првите два погодоци од пенал во Примера дивисион. Откако е дојден во Леванте, македонскиот репрезентативец досега има постигнато 22 гола во најсилната шпанска лига, од кои шест има директно и од слободен удар.

Следниот меч Леванте го игра веќе в понеделник, и тоа повторно на свој терен, против Гранада.

 

- Оглас -

Најнови вести