Барди се изнаигра, но загуби, Елмас остана на клупата во победата на Наполи (видео)

Леванте и Енис Барди загубија со минимални 0-1 на домашен терен од Атлетико Мадрид. Екипата од Валенсија немаше сили да се надигрува со Јорганџиите кои ја врзаа третата победа во последните четири кола. Македонскиот репрезентативец го почна мечот и на теренот се задржа до 83-тата минута, кога местото му го отстапи на Ернани.

За трите бода во корист на тимот на Диего Симеоне пресуди автоголот на Гонзалес во 15-тата минута, а гостите во остатокот од мечот не искористија бројни шанси да слават поубедливо. Сепак, и еден гол беше доволен за Атлетико да застане на третото место на табелата во Ла Лига со 55 бода, два повеќе од Севилја, додека Леванте останува на 11-тото место со 38 бода.

https://www.youtube.com/watch?v=F4a1SaigPKo&feature=youtu.be

Вториот македонски репрезентативец Елиф Елмас со Наполи гостуваше кај Верона и се израдува на победа од 2-0. Сепак, нашиот дијамант, кој минатата недела го освои Купот на Италија, сега не доби шанса за настап. Трите бода за Наполи ги најави Милик во 38-мата минута, а ги осигури Лозано во последната минута од регуларните 90.

Со овој триумф, Наполи повторно е на +3 во однос на седмопласираниот Милан, со 42 бода стои на шестото место на табелата во Серија А.

 

- Оглас -

Најнови вести