Барса за 7 минути ја паркира Жолтата подморница на слеп колосек, на „Камп ноу“ им свиреа на Бускетс и на Пике (Видео)

Барселона ефектно само за 7 минути со три убави погодоци од 31-вата до 38-мата минута го декласира Вилјареал со 3:0, а и во таква победа навивачите на домашниот тим свиреа во знак на незадоволство од две големи клупски ѕвезди.

Најпрво настрада Бускетс, кога влезе во игра во 70-тата минута и доби свирежи од трибините на „Камп ноу“, а потоа и Жарарт Пике имаше ист третман.

Тој влезе во игра во 79-тата минута, а и него со свирежи од трибините го „поздравија“ домашните навивачи на „Камп ноу“.

Очигледно е дека не му е простена огромната грешка на дуелот со Интер кога беше виновен за гол што може да чини елиминација од Лигата на шампионите.

На терен Роберт Левандовски лесно и набрзина ги разреши дилемите околу победникот со два гола во 31-вата и 35-тата минута и двата одлични, а Жолтата подморница ја потона Ансу Фати со гол со петица во 38-мата минута.

Тоа беше резултат на полувремето, а во продолжението немаше голови, па Барса со тројка освои три бода во Ла Лига и остана на второто место со 25 бода, три помалку од вечниот ривал Реал Мадрид.

 

- Оглас -

Најнови вести