Барселона бара оставка од првиот човек на Ла Лига поради давање лажни докази на обвинителството

Барселона побара претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, да си поднесе оставка откако беше откриено дека на обвинителството кое го води случајот против каталонскиот тим им дал лажни докази.

„Не е првпат претседателот на Ла Лига да ги користи медиумите како оружје против фудбалскиот клуб Барселона. Сепак, за разлика од неговите вообичаени глупости, никогаш не можевме да замислиме дека може да се обиде да го дискредитира клубот со лажни докази“, стои во соопштението на Барселона.

Весникот „Вангардија“ објави дека Тебас на обвинителството му дал лажни докази во обид да ги дискредитира поранешните претседатели на Барселона, Хосеп Марија Бартомеу и Сандро Росел, во случајот Негреира.

Тебас ги негира овие пишувања на весникот велејќи дека со таквите тврдења ги нарушуваат неговиот углед и чест, како и имиџот на Ла Лига. Тебас претходно побара оставка од актуелниот претседател на Барселона, Жоан Лапорта, иако неговото име не се споменува во случајот Негреира.

Барселона е под истрага откако беше откриено дека со години и плаќала милиони долари на компанија на потпретседателот на судиската комисија во Ла Лига, Хозе Марија Енрикез Негреира, за писмени и видеоизвештаи за проценките на судиите пред натпреварите. Плаќањата биле извршени помеѓу 2001 и 2018 година и Барселона исплатила 8,4 милиони евра.

„Ако само поради фактот што си дава овластувања што не му припаѓаат, но и поради достоинство и почит кон Ла Лига, господинот Тебас треба да поднесе оставка од функцијата. Сепак, свесни за неговата опсесија да ја прогонува Барселона и да покажува постојана омраза кон нашиот клуб, разбираме дека актуелниот претседател на Ла Лига ќе истрае во напорите да продолжи да му штети на нашиот клуб“, стои во соопштението.

Барселона тврди дека е жртва на медиумска кампања за настани кои никогаш не се случиле.
„Барселона никогаш не плаќала судии“.

- Оглас -

Најнови вести