Барселона го бара наследникот на Левандовски

Барселона размислува за ерата после Роберт Левандовски. Иако многумина беа скептични кога Каталонците го доведоа полскиот голгетер во 2022 година, со оглед на неговата возраст и финансиските маки на клубот, Лева не само што ги разби сите сомнежи, туку стана незаменлив во тимот. Со 101 гол на 147 натпревари и пет освоени трофеи, меѓу кои две титули во Ла Лига и Купот на кралот, тој остави длабок белег во Барселона.

Но, времето не простува, Левандовски во август ќе наполни 37 години, а раководството веќе го насочува погледот кон иднината. Според каталонскиот „Спорт“, Барса сериозно размислува за трансфер на Хулијан Алварез од Атлетико Мадрид, но не веднаш, туку во 2026 година.

Аргентинецот кој пристигна од Манчестер сити, се покажа како вистински погодок за Атлетико. Во сезоната 2024/25 постигна 24 гола во Ла Лига и Лигата на шампионите, оправдувајќи ја инвестицијата од околу 82 милиони фунти.

Сепак, Атлетико засега нема намера да се откаже од својот напаѓач, особено не по пониска цена. А и самиот Алварез најверојатно ќе одлучи за иднината во зависност од тоа дали Атлетико ќе остане рамноправен ривал на Барселона и Реал Мадрид во борбата за титулата.

Стилски, Алварез е поинаков тип на играч од Левандовски, понизок, побрз, поподвижен и способен да игра и како повлечена „деветка“. Токму таа разновидност би можела да му одговара на тренерот Ханси Флик, кој сака повеќе флексибилност во нападот.

- Оглас -

Најнови вести