Барселона синоќа со 3:1 го совлада Наполи и по пауза од четири години, повторно ќе игра во четвртфиналето во Лигата на шампионите, а навивачите на каталонскиот тим и шпанските медиуми се воодушевени од новиот бисер на клубот, Пау Кубарси.
Кубарси е последниот од низата млади и талентирани фудбалери од славната академија на Барселона, „Ла Масија“, кому Чави Ернандес му даде шанса да заигра за првиот тим. Пред него, Чави во првиот тим ги вметна Гави, Алехандро Балде, Ламин Јамал и Фермин Лопес, што се покажа вистински потег.
Кубарси е роден во гратчето Бескано во близина на Жирона, која е оддалечена околу 100-тина километри од Барселона. Првите контакти со фудбалската топка ги направи во Жирона, а скаутите на Барселона го открија во 2018 година како 11-годишно момче и го донесоа во Ла Масија.
Тој го продолжи развојот во познатата академија и беше лидер во вториот тим на Барселона, сè до почетокот на годинава, кога Чави му даде шанса во првиот тим. Чави се одлучи да направи тактички измени. Данецот Кристенсен го премести во средниот ред, а во срцето на одбраната го „турна“ токму 17-годишниот Кубарси, кој синоќа го имаше своето европско деби.
На младиот дефанзивец му помогна и повредата на Балде, поради што Жоао Кансело беше прекомандуван на левата бековска позиција, поради што на стоперската позиција останаа само Ињиго Мартинес и токму Кубарси.
Младиот бисер синоќа ги воодушеви сите со неговата игра, буквално го стави в џеб напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен, и на крајот беше прогласен за играч на натпреварот.
„Кубарси ги заслужи местото во првиот тим и мечот од Лигата на шампионите и одигра спектакуларно“, пишува меѓу другото весникот „Марка“.
Признанието го доби бидејќи не направи ниту еден прекршок, не дозволи ниту еднаш да биде „издриблан“, ги освои сите дуели на трева и во воздух, петпати ја врати топката во свој посед, имаше осум интервенции и згора на тоа имаше прецизно 61 додавање од 68 обиди.
https://youtu.be/FhwiHFfDtho?si=ImH8XEdh5cwmOxfb
„Кога би можел да го опишам Кубарси, би рекол дека пулсот никогаш не му се зголемува кога топката ќе дојде до него. Тој е целосно мирен и во секој момент знае што треба да прави, ги носи најдобрите одлучи и не греши. Тој е иднината на Барселона и е играч со посебен талент и карактер“, изјави Чави.
Ниту фудбалерите на Барселона не се штедат во комплиментите за Кубарси, а најдобриот го даде капитенот Серхи Роберто.
„Кубарси треба да потпише доживотен договор и целата кариера да ја помине во Барселона. Тој е бисер кој мора да биде зачуван“, изјави капитенот Роберто.
Навивачите на Барселона го сметаат Кубарси за нов лидер на тимот во иднина и идеален партнер во одбраната на Роналд Араухо.
Интересно е што според „Трансфермакт“, вредноста на Кубарси е само 1,5 милиони евра, додека младиот дефанзивец има договор со Барселона до 2026 година и откупна клаузула која преку ноќ се смени, само од 10 милиони евра.
Според каталонските медиуми, управата на Барселона подготвува нов договор за Пау Кубарси, со кој би добил многу поголема плата и би била вметната огромна откупна клаузула.