Каталонскиот гигант Барселона е на прагот да ја освои титулата во Ла Лига оваа сезона, но тоа не значи и дека не планира голема реконструкција на тимот ова лето. Доказ за тоа е објавениот список дури на деветмина фудбалери кои се ставени на продажба, пишуваат шпанските медиуми.
Причините за оваа одлука се комбинација од финансиски притисок, потребата за освежување на ростерот и адаптација кон визијата на новиот тренер Ханси Флик, кој неодамна го продолжи договорот до 2027 година.
Според медиумите, единствениот „недопирлив“ фудбалер во тимот е Ламин Јамал, кој се смета за иднината на клубот. Сите останати играчи се достапни за понуди, а на списокот на потенцијални заминувања се Ињаки Пења, Роналд Араухо, Хектор Форт, Фермин Лопес, Гави, Френки де Јонг (доколку не потпише нов договор), Пабло Торe, Пау Виктор и Ансу Фати.
Холандскиот репрезентативец Френки де Јонг е еден од најзначајните играчи чие заминување би можело значително да ја подобри финансиската состојба на клубот. Доколку не ја прифати понудата за продолжување на договорот, Барселона е подготвена да го продаде уште ова лето за околу 60 милиони евра.
Слична е ситуацијата и со дефанзивецот Роналд Араухо, кој е желба на неколку европски гиганти, додека Ансу Фати, некогашниот голем талент, не успеа да се наметне по серијата повреди и не влегува во плановите на Флик.
Покрај нив, Барселона е подготвена да ги продаде или да ги испрати на позајмица и неколку млади фудбалери: Пења, кој беше втор голман оваа сезона, Форт и Торe, кои потекнуваат од младинската школа, како и напаѓачот Пау Виктор. Ситуацијата со Гави и Фермин Лопес е малку покомплицирана, тие би можеле да заминат само доколку пристигне исклучително висока понуда.
Целата оваа стратегија ја води спортскиот директор Деко, кој сака да создаде финансиски одржлив клуб и воедно да му овозможи на Ханси Флик да доведе играчи кои се подобро прилагодени на неговиот стил на игра.