0.8 C
Skopje
среда, 31 декември 2025

Барселона ќе ја засили одбраната со играч на Интер

Барселона во јануари сака да ја засили дефанзивата по повредата на Андреас Кристенсен. Со клубот се поврзуваат неколку фудбалери, но се чини дека веќе е јасно кој би можело да пристигне на „Камп ноу“ оваа зима.

Ханси Флик сезонава има сериозни проблеми кога станува збор за одбраната, а сè тргна надолу откако Ињиго Мартинес летоска одлучи да замине во Ал-Наср. Се покажа дека токму тој бил клучен дел од дефанзивната линија на Барселона, која по неговото заминување не функционира на посакуваното ниво, што јасно се виде во првиот дел од сезоната.

За работите да бидат уште полоши, во финишот од првиот дел од сезоната се повреди и Андреас Кристенсен, кој според сите најави, ќе биде надвор од терените до крајот на сезоната, што е огромен удар за каталонскиот клуб.

Покрај Кристенсен, веќе извесен период во тимот го нема ни Роналд Араухо, кој наводно има психолошки проблеми по натпреварот во Лондон, каде што Барселона беше поразена од Челзи. Тој по еден месец пауза се врати на тренинзите, но прашање е кога би можело да биде способен за настап.

Поради сето ова, челниците на Барселона мораат во јануари да донесат ново дефанзивно засилување. Регистрацијата на нов играч ќе биде возможна бидејќи Марк-Андре тер Штеген речиси сигурно ќе замине на позајмица, со што ќе се ослободи дел од буџетот за плати.

Со Барселона се поврзуваат неколку дефанзивци, но информациите кои доаѓаат од Шпанија велат дека Стефан де Вреј е фудбалерот кој ќе ја продолжи кариерата во каталонскиот клуб.

Де Вреј веќе неколку сезони е член на Интер, но во последно време не е стандарден првотимец како порано. Токму затоа во Барселона веруваат дека Интер би можело да го пушти, со оглед на тоа што договорот му истекува налето, а на тој начин италијанскиот клуб би можело барем делумно да заработи од продажбата на искусниот стопер.

Овој 33-годишен дефанзивец е желба на Ханси Флик, кој смета дека би бил одлично решение на стоперската позиција и веќе дал зелено светло за негово ангажирање. Исто така, неговата цена би изнесувала околу три милиони евра, сума што Барселона може да си ја дозволи во јануари.

- Оглас -

Најнови вести