Каталонскиот гигант Барселона е подготвен да се раздели со седуммина фудбалери во летниот преоден рок со цел да ослободи простор во буџетот за регистрација на новите засилувања, голманот Жоан Гарсија и приоритетната трансферна цел, Нико Вилијамс.
Според „Мундо депортиво“, Каталонците се надеваат дека нема да мора да прават масовна распродажба, но на списокот со потенцијални заминувања се наоѓаат неколку добро познати имиња: Ансу Фати, Пау Виктор, Пабло Торe, Ињаки Пења, Ориол Ромеу, Андреас Кристенсен, дури и Марк-Андре тер Штеген.
Иако раководството зрачи со оптимизам, финансиската состојба на клубот останува далеку од стабилна. Огромниот долг и строгите правила на Ла Лига (т.н. 1:1 правило, според кое расходите мора да бидат во рамките на приходите) сериозно го ограничуваат маневарскиот простор за трансфери.
Преговорите за продажба на Ансу Фати во Монако, кои се водеа неколку недели, очигледно се пропаднати. Младиот офанзивец веќе подолго време е надвор од фокусот на стручниот штаб. Од друга страна, заминувањето на Тер Штеген е малку веројатно бидејќи германскиот голман сака да го одработи својот договор, кој важи до 2028 година.
Претседателот Жоан Лапорта изјави дека очекува „возбудлива сезона“ и дека пречките ќе бидат надминати, но останува нејасно дали трансферите на Жоан Гарсија и на Нико Вилијамс ќе се реализираат навреме или ќе зависат уште од неколку заминувања во наредниот период.