Филипе Кутињо во 2018 година пристигна во Барселона како големо засилување од екипата на Ливерпул. Бразилецот помина пет одлични сезони во англискиот тим и тоа беше доволно за Барселона да не жали пари да го доведе на „Камп Ноу“. Сепак, од денешен аспект оваа инвестиција на каталонскиот гигант не изгледа многу добра.
Во првата сезона во Барселона, Бразилецот одигра вкупно 52 меча и даде 13 голови, што не беше по кејфот на првите луѓе на клубот, па одлучено беше Кутињо да оди на позајмица. Офанзивниот играч за врска замина во Баерн Минхен каде и не одигра лошо, но и германскиот првак најави дека не планира да го откупи неговиот трансфер.
Тоа значи дека Кутињо повторно ќе се врати во Барселона, а тоа прави дополнителен проблем за каталонците. Барселона досега на Ливерпул му исплати 135 милиони евра, а таа сума може да биде и уште поголема. Доколку Кутињо одигра уште 24 меча за Барселона, каталонците ќе мора да исплатат дополнителни 25 милиони евра на Ливерпул и трансферот на Бразилецот ќе биде вкупно 160 милиони евра.
Барселона засега бара начин како да го продаде или да го даде Кутињо на нова позајмица, но многу веројатно е дека тешко кој ќе сака да го доведе овој скап фудбалер во своите редови, посебно во ситуација кога има финансиска криза кај сите клубови поради пандемијата со Коронавирусот.