Барселона изрази оптимизам дека тимот ќе може повторно да игра на својот стадион „Камп ноу“, кој во моментот се реновира и се зголемува неговиот капацитет, пред крајот на оваа година. Ова го потврди портпаролката на клубот, Елена Форт.
Таа увери дека Барселона активно работи за враќање на „Камп ноу“ до крајот на 2024 година.
На почетокот, капацитетот на стадионот ќе биде само 62.000 места, но по завршувањето на реконструкцијата, која е предвидена за летото 2026 година, капацитетот ќе достигне 105.000 седишта. Исто така, до тој период ќе биде целосно завршен и новиот кров на легендарниот спортски објект.
Precios para el regreso al Camp Nou: Media temporada con capacidad de 62.000 espectadores https://t.co/sbCFd6i7u6 pic.twitter.com/oWYSYfSosj
— 💥Fútbol, deporte, última hora (@el_GOLDIGITAL) October 7, 2024
Навивачите на Барселона ќе можат да се запишат за шестмесечни претплатни билети за втората половина од сезоната, а раководството на клубот смета дека нема причина тимот, кој е лидер во лигата, да не се врати на својот стадион на почетокот од 2025 година.
Реконструкцијата на стадионот, кој веќе ќе го носи името „Спотифај Камп ноу“, започна во јуни 2023 година, откако беше потпишан договорот за спонзорство со гигантот во музичкиот стриминг, „Спотифај“.
Реконструкцијата сепак беше забавена поради некои административни дозволи и поплаки од работниците за условите на работа, што ја принуди Барселона да го продолжи договорот со општината за користење на Олимпискиот стадион „Монжуик“ до 31 март 2025 година.
Тимот во моментов ги игра своите домашни натпревари на „Монжуик“, кој има капацитет од околу 50.000 гледачи.