На дуелот против Реал Сосиедад, во стартниот состав на Барселона неочекувано се најде еден тинејџер кој релативно е непознат на светската фудбалска јавност. Педро Фернандес со прекар Дро е фудбалски талент кој има само 17 години, а тренерот Ханси Флик му даде можност да дебитира во Примера дивисион и тоа како стартер на еден тежок меч против Сосиедад.
Дро одигра само во првото полувреме, но остави добар впечаток.
„Кога тренерот ми кажа дека ќе бидам во почетниот тим, едноставно не можев да верувам. Но, успеав брзо да се концентрирам. Тренерот и соиграчите дополнително ми дадоа самодоверба. Ми рекоа да играм како што тоа го правам на тренинзите“, рече 17-годишниот Дро по мечот со Сосиедад.
Pedro Fernández (Dro) vs Real Sociedad
LaLiga Debut ✨pic.twitter.com/UWCSCtQvWR
— Dubbu (@Dubbu01) September 28, 2025
Иако од Дро не се очекува да биде врвен талент како Ламин Јамал, кој дебитираше со 16 години за Барселона, а потоа си обезбеди стандардно место во првиот тим, Дро е играч кој треба да има одлична кариера. Има добар дриблинг, одлично игра со двете нозе, посебно со десната.
За кадетската репрезентација на Шпанија (У17), Дро има одиграно девет меча во кои постигнал четири гола. Неговиот развој го следат повеќе европски гиганти, како што се: Арсенал, Челзи, Манчестер сити, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен.
Од Барселона најавуваат дека чекаат Дро да наполни 18 години и да му дадат нов договор.