7.8 C
Skopje
петок, 13 февруари 2026

Барселона понижена на „Метрополитано“, но има и реванш…(Видео)

Во првиот натпревар од полуфиналето на Купот на кралот на „Ванда Метрополитано“, Атлетико Мадрид ja декласираше Барселона со 4-0 и со големa самодоверба ќе го дочека реваншот на „Камп Ноу“. Сите голови беа постигнати во првото полувреме, кога тимот на Диего Симеоне доминираше и имаше шанси за уште повеќе погодоци.


Мечот беше одбележан и со голема грешка на Жоан Гарсија на самиот старт, како и со спорниот гол на Барселона кој подоцна беше поништен по најдолгата ВАР-проверка во последно време. Траеше дури осум минути.

Уште во третата минута Атлетико имаше голема шанса. Антоан Гризман со фантастичен потег ја заобиколи целата одбрана на Барселона, а Симеоне се најде во ситуација еден на еден со голманот Гарсија, но Французинот не успеа веднаш да ја заврши акцијата.

Во шестата минута следеше чуден момент. По една грешка на Ерик Гарсија, топката му помина под ногата на голманот Жоан Гарсија и ја прејде гол линијата. Судиската одлука беше автогол, иако по интервенцијата на ВАР подоцна, Лукман беше евидентиран како стрелец.

Атлетико продолжи да го контролира мечот, а Гризман во 14-та минута го зголеми водството на 2-0. По корнер на Барселона, голманот Мусо совршено ја прати топката до Лукман, која преку неколку додавања стигна до Гризман, а тој рутински ја прати низ нозете на Кунде, директно во мрежата.

Барселона имаше шанса во 20-тата минута, кога Фермин Лопез погоди греда.

Во 33-та минута беше 3-0. Брзи комбинации преку десната страна доведоа до несебично додавање од Алварез до Лукман, кој не погреши.
Флик мораше да реагира, па во 37-та минута го внесе Левандовски, но Барселона не успеа да го промени текот на мечот.

Во завршницата на полувремето, Атлетико стигна и до четвртиот гол. Симеоне повторно ја користеше десната страна, Лукман додаде до Алварез, а Аргентинецот ја заврши акцијата со гол.

На стартот на второто полувреме, Фермин имаше шанса, но Мусо повторно беше несовладлив. Во 52-та минута Барселона постигна гол преку Кубарси, но по осум минути ВАР-проверка, судијата го поништи погодокот поради минимален офсајд.

На крајот, Барселона остана со играч помалку откако Ерик Гарсија доби црвен картон во 84-та минута по груб старт над Баена.

- Оглас -

Најнови вести