4.8 C
Skopje
петок, 14 ноември 2025

Барселона прими гол од 40 метри, па направи пресврт каков што досега немаше направено (Видео)

Барселона го победи Овиедо со 3-1 и се врати на второто место во шпанската Ла Лига, со два бода зад лидерот Реал Мадрид.

Каталонците против повратникот во елитата имаа негатива од 0-1 на полувреме, откако по киксот на голманот Жоан Гарсија, кој истрча далеку напред и имаше погрешно додавање, Алберто Реина даде убав гол со прецизен шут од 40-тина метри.

Како и сите други екипи коишто играа против Барселона годинава, ни Овиедо не успеа да ја зачува мрежата. Ерик Гарсија и Роберт Левандовски дадоа голови за пресврт, а потврди Роналд Араухо. Ова е првпат Барса да победи на гости кај Овиедо по негатива на полувреме.

За дефанзивците Гарсија и Араухо тоа беа први голови сезонава, а за Левандовски ова беше трети и сите три ги даде откако влегуваше на теренот од клупата за резерви и се претвораше во моќен џокер на тренерот Ханси Флик. Вечерва Полјакот даде гол само по четири минути откако влезе во игра. За Леви тоа беше 105-ти гол во дресот на Барса, изедначувајќи се на вечната листа со Нејмар и Еваристо.

Инаку во шпанската Ла Лига сезонава се одиграни 60 натпревари и на сите имаше барем еден гол. Рекордот на лигата е 74 меча по ред со погодок.

- Оглас -

Најнови вести