Барселона се спаси од пораз на меч на кој беше испишана историја во шпанското првенство

Шпанскиот првак Барселона одигра само 2:2 на гостувањето кај Гранада во меч од деветтото коло на Примера дивисион. По овој кикс, Барселона сега има 21 бод и заостанува три поена зад лидерот Реал Мадрид.

Дуелот во Гранада започна возбудливо, буквално, од првиот судиски свиреж. Брајан Сарагоса донесе радост за домашните навивачи откако погоди само по 17 секунди игра. Тоа е најбрзиот погодок што Барселона го има примено во 21 век.

Во продолжение на мечот, Барселона доминираше, постојано напаѓаше, но Гранада беше таа која постигна нов погодок. По еден одлично одигран контранапад, повторно во улога на реализатор се најде Сарагоса, кој зголеми на 2:0 за Гранада во 29-тата минута.

Тоа не беше крајот на возбудувањата во првото полувреме. Се играше судиското надополнување кога Ламин Јамал постигна гол за Барселона и намали на 1:2. Овој погодок на Јамил е историски за шпанскиот фудбал бидејќи тој стана најмлад стрелец не само во историјата на Барселона, туку воопшто најмлад стрелец во историјата на шпанското првенство. 

Во второто полувреме Барселона константно напаѓаше, а голот за израмнување стигна дури во 86-тата минута, и тоа благодарение на искусниот Серхи Роберто. Во финишот, домашниот напаѓач Сарагоса ја погоди стативата и пропушти шанса да постигне хет-трик, а потоа беше поништен погодок за Барселона откако Жоао Феликс се најде во офсајд-позиција.

 

- Оглас -

Најнови вести