Претседателот на Шпанската фудбалска федерација, Луис Рубијалес, ја отфрли можноста поради неочекуваниот прекин на првенството во Примера, Барселона да ја добие шампионската титула. Каталонскиот гигант моментно е лидер на табелата со 58 бодови, два повеќе од вечниот ривал Реал Мадрид. Првенството во Шпанија е веќе 10 дена во прекин, а до крајот треба да се одиграат уште 11 кола.
Првично беше најавено дека Примера треба да продолжи по две недели пауза, но веќе е јасно дека паузата ќе биде многу подолга. Од УЕФА препорачаа домашните шампионати да завршат најдоцна до 30 јуни, а првиот човек на шпанскиот фудбал има свое мислење.
„Првото сценарио е до 30 јуни да се одиграат сите натпревари и да се добие првакот. Јас во овој момент не можам да гарантирам дека тоа е возможно сценарио. Се зборува дека ако дотогаш не се одиграат сите мечеви, шампион ќе биде тимот кој во тој момент е лидер на табелата, но тоа би било голема неправда. Актуелната ситуација на табелата сигурно нема да реши кој ќе биде првак. Сакаме да го одиграме целото првенство, па ако треба и следната сезона шампионатот да започне подоцна или да се одигра во друг формат“, објасни Луис Рубијалес.
Од неделата во Шпанија владее 15-дневна вонредна ситуација. По Италија, Шпанија е втората најзагрозена земја од Коронавирусот во Европа со речиси 12.000 заразени и над 500 мртви. Едноставно, ситуацијата во Шпанија е критична и воопшто не е јасно што ќе се случува со фудбалот, но се знае дека Барселона со оваа состојба на табелата нема да биде првак.