Барселона синоќа славеше титула, а денеска следува „студен туш“ за гигантот од „Камп ноу“!

Со победата од 4:2 на гостувањето кај Еспањол, во витрините на „Камп ноу“ ќе пристигне шампионскиот пехар наменет за Барселона, клубот кој беше најдобар сезонава во Примера дивисион.

Радоста од победата над Еспањол денеска беше заменета со неизвесност и исчекување поради тоа што уште не е јасно дали Барселона во следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите. Веќе неколку месеци трае скандалот со таканаречениот случај Негеира и соработката на некогашниот арбитер со челниците на каталонскиот гигант.

Во периодот од 2001 до 2018 година, Барселона платила 7,3 милиони евра на фирма која е во сопственост на некогашниот член на судиската комисија Енрике Негеира. Поради ова, потпретседателот на Бетис, Хозе Мигуел Лопез Каталан, изјави дека очекува Барселона да добие суспензија барем на една година неиграње во европските купови.

„Многу сме загрижени. Тоа што се случувало во последните 17-18 години е многу сериозно. УЕФА покрена истрага и се надевам дека до јуни ќе има и одлука. Мислам дека е многу извесно дека Барселона ќе биде суспендирана на една година неиграње во Европа. Не смее д сеа заборави овој случај. УЕФА има механизми и многу сум нестрплив да видам која ќе биде одлуката затоа што ова е најголемиот скандал во историјата на шпанскиот фудбал“, вели Лопез Каталан.

Доколку Барселона биде исфрлена од Лигата на шампионите, тоаќ е биде голем финансиски нокаут за клубот кој од настапите во елитното европско друштво планира да заработи над 100 милиони евра.

Бетис, чиј потпретседател бара суспензија на Барселона, вечерва на свој терен игра против Рајо Ваљекано во дуел на две екипи кои се борат за излез во Европа за следната сезона.

- Оглас -

Најнови вести