Барселона вчера не упати ниту еден шут кон голот на Улрих, па Чави е брутално искрен: Не бевме на нивото на Баерн

Фудбалерите на Барселона вчера загубија со убедливи 0:3 од Баерн Минхен во петтото коло од групната фаза во Лигата на шампионите, по што играчите со свирежи беа испратени од своите навивачи на „Камп ноу“ бидејќи не упатија ниту еден шут во рамките на голот на Свен Улрих.

Сол на раната на фановите е и елиминацијата на Барселона од елитното натпреварување, каталонскиот тим напролет ќе игра во нокаут-фазата во Лигата на Европа. На едно коло до крајот на групната фаза, Барселона е трета во групата Ц само со четири освоени бода, Баерн има максимални 15, а Интер е втор со 10 бода.

Тренерот Чави Ернандез призна дека неговите фудбалери не биле на нивото на противникот.

„Веќе кажав дека мораме да станеме поцврсти, посилни и овој меч беше можност да направиме такво нешто. Не успеавме да го достигнеме нивото на Баерн, тие играа со поголем интензитет. Мислам дека во Минхен подобро се „боревме“, таму бевме посилни и подобри, но сега потфрливме. Мора да останеме заедно, има други натпреварувања за кои мора да се бориме. Дали е ова неуспех? Разбирам сè што се зборува, а теренот го напуштаме со горчлив вкус во устата“, изјави Чави.

Елиминацијата од Лигата на шампионите е голем удар и за претседателот Жоан Лапорта, кој летово донесе неколку звучни засилувања, како Роберт Левандовски, Жил Кунде, Рафиња, Андреас Кристенсен, Френк Кеси.

„Мораме да гледаме напред. Знаеме дека овој тим е во процес на создавање и знаевме дека ќе има подеми и падови. Пораката до навивачите е да гледаат во иднината, Чави сакаше да им даде шанса на младите играчи, за да можат да научат нешто“, рече Лапорта.

- Оглас -

Најнови вести