Најефикасниот напаѓач во поновата клупска историја на Атлетик Билбао, Ариц Адурис, официјално објави дека става крај на неговата играчка кариера. Тој со известувањето ги шокираше навивачите. Адурис со 172 погодоци го држи шестото место на вечната листа на стрелци на Атлетик, а прв е ако се сметаат само фудбалери кои играле во последните 20 години.
Роден е во Сан Себастијан, но Адурис стана легенда и еден од најхаризматичните играчи на тимот од Билбао. Дебито за клубот го имаше во 2002 година, но во меѓувреме играше и за Валјадолид, Мајорка и Валенсија. Од 2012 наваму, играше само за Атлетик и даде 96 гола. Беше одличен во играта со глава, а интересно е што беше како виното, најдобрите денови ги имаше откако наполни 30 години. Последен негов гол кој најмногу се памети беа ножичките во 90-тата минута со кои му донесе победа на Атлетик против Барселона во првото коло од оваа сезона.
Незаборавен меч имаше и во 2016 година против белгиски Генк, кога даде дури пет гола со победата од 5-3. Тогаш тој стана прв играч во Лигата на Европа кој дал пет гола на една средба.
За жал, финалето на шпанскиот куп во кое ќе се сретнат баскиските ривали Атлетик и Реал Сосиедад ќе биде осиромашено со неиграњето на Адурис.
„Дојде моментот да се каже крај. Сум кажал и порано дека фудбалот ве напушта пред вие да го напуштите него. Лекарите ми рекоа дека ми треба операција на колкот ако сакам подоцна да имам нормален живот. Телото ми кажа дека доволно беше играње фудбал. Не можам да им помогнам на соиграчите колку што сакам и колку што тие заслужуваат. Ви благодарам на сите“, напиша Адурис во дел од прошталното писмо.