Германците се оптимисти дека сезоната ќе продолжи во мај, но пред да се случи тоа, прво мора да добијат одобрение од нивната влада. Првиот човек на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге, смета дека клубовите ќе добијат зелено светло да ја доиграат сезоната со што докажува дека е јасен неговиот став – сезоната мора да се доигра од спортски и финансиски причини.
Инаку Баварците од вчера почнаа со тренинзи со посебен режим.
„Тренираме во мали групи и се придржуваме до здравствените протоколи. Се зборува дека ќе продолжиме со натпреварување од 9 мај, но уште чекаме официјална одлука на владата. Сепак, мора да се вратиме на терените од неколку причини. Првата е бидејќи сакаме да добиеме шампион, односно учесници во европските натпреварувања, како и нови учесници во елитата. Другата причина е што клубовите финансиски многу зависат од ТВ-правата. Чекаме зелено светло за продолжување на сезоната“, истакна Румениге.
Речиси е извесно дека бундеслигашите ќе бидат меѓу првите кои ќе се вратат на фудбалските активности, но во следните неколку месеци натпреварите ќе се играат без присуство на публика.